Македонија
5. July 2017 - 17:00

Фестивалот „Пеце Атанасовски“ годинава во нов амфитеатар на Рудина

Од петок до недела ќе се одржува 43. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, соопштија денеска на прес-конференција членовите на Собранието на Фестивалот и гардоначалниците на општините Прилеп и Долнени, Марјан Ристески и Боше Милошески, покровители на манифестацијата.

Фестивалот в петок од 21 часот на камената бина на плоштадот „Александрија“ во Прилеп ќе почне со музичко-сценскиот перформанс „Традицијата оживува. В сабота од 18.30 и в недела од 10 часот во амфитеатарот на Рудина кај Долнени се двата натпреварувачки дена кога ќе настапат околу 350 изведувачи. Фестивалот ќе додели Гран-при за најуспешни и најдобри изведувачи, а Општина Долнени гајдата на Пеце Атанасовски ќе му ја даде на најдобриот гајдаџија.

Од денеска до завршувањето на фестивалот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе се одржува и третиот Семинар за изучување народни инструменти и песни.

- Целта на фестивалот е да го негува и да го зачувува македонскиот изворен мелос, но и да го пренесува на новите генерации. Токму затоа  третпат ќе се одржи и семинарот за изучување на народни инструменти и песни, рече на прес-конференцијата Илчо Јованов, претстедател на Собранието на Фестивалот. Нагласи и дека годинава се истакнуваат два момента во одржувањето на фестивалот: по 42 години е изграден амфитеатар и се уреди Рудина кај Долнени.

Уметничкиот директор на фестивалот, проф. д-р Родна Величковска, соопшти дека од над 700 заинтересирани, ќе има околу 350 учесници од сите краишта на Македонија. Посочи дека годинава фестивалот е  посветен само на изворниот мелос од Македонија, иако имале интерес за учество и од групи од други земји, како Русија и Србија.

- Учесниците ќе изведат македонски, влашки турски, албански изворни песни. Радува фактот што најмладиот учесник има пет, а најстариот 85 години. А дека изворната музика ја сакаат и новите генерации, доказ е интересот на 15 млади за учество на семинарот за изучување на народните инструменти и песни кој почнува денеска, рече Величковска која е предавач на семинарот заедно со етномузикологот Горанчо Ангелов.

Додаде дека и отворањето на фестивалот в петок на камената бина на плоштадот „Александрија“ во Прилеп има симболика.

- Ќе бидат претставени традиционални обичајни песни преку сценско-музички перформанс насловен „Традицијата оживува“. Секако, радува фактот дека двата натпреварувачки дена, в сабота и в недела, се на обновената Рудина кај Долнени, на новиот амфитеатар кој в сабота од 18.30 часот и пригодно ќе биде пуштен во употреба, рече Величковска.

За градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески чест е што фестивалот почнува во градот кој на исклучителниот уметник, гајдаџијата Пеце Атанасовски, му подигна споменик во центарот на Прилеп.

- Пеце Атанасовски го промовираше македонскиот фолклор секаде во светот, а тоа го прави и фестивалот кој го носи неговото име. Прилеп останува покровител на оваа национална манифестација која го негува македонскиот изворен мелос, истакна Ристески.

Според градоначалникот на Долнени Боше Милошески, многу е битно што конечно, по 42 години, Рудина станува достојно уредено место за изворниот мелос.

- Рудина кај Долнени е лулка на гајдаџиството. Затоа радува фактот што собравме средства, со помош на Пелагонискиот плански регион, да се направи модерен амфитеатар на Рудина и да се подобрат условите за одржувањето на фестивалот, рече Милошески