Македонија
26. September 2018 - 15:33

Фестивалот на велешка пита и вино ќе се одржи од 19 до 21 октомври

Општина Велес и оваа година традиционално од 19 до 21 октомври ќе ја организира манифестацијатa  „Фестивал на велешка пита и вино“.

За разлика од изминатите неколку години кога беше пред кафитериите во новиот дел од градот, оваа година манифестацијата ќе се одржува  на поголема локација   од Плоштадот С’рмаале  па нагоре по главната градска улица до  пред кафитериите па се’ до кружниот тек „Авона“.

На поставени штандови и маси и столици на посетителите  три дена ќе им се понуди традиционалната велешка пита пастрмајлија, подготвена според стариот рецепт  од угостителите и пекарите во градот, како  и македонски вина од  домашните производителите на Повардарскиот регион.

Манифестацијата „ Фестивал на велешка пита и вино 2018“ ќе биде од изложбен и продажен карактер.

- Целта  на  манифестацијата е да се придонесе кон поголема афирмација и промоција  на  питата пастрмајлија, препознатлив велешки специјалитет, но истовремено ќе им помогне на угостителите, винариите, малите и средните компании од прехрамбениот сектор, пред потенцијалните потрошувачи од вардарскиот плански регион и Македонија. Исто така,  и на здруженија на сродни производители, стопански комори, ресорни министерства, амбасади, организации и фондации за поддршка на претприемништвото во Република Македонија, кои ќе бидат поканети да го посетат настанот, појаснуваат од Општина Велес.
 
Во трите  дена ќе има и богата уметничко музичка програма, со познати пеачи и групи,  кои организаторите засега не ги откриваат.

Од организацискиот одбор на манифестацијата од Општина Велес, повикуваат сите угостители, винарии, правни лица и регистрирани индивидуални  пекарски производители, да се пријават за учество на манифестацијата.