Македонија
1. July 2019 - 10:02

Фестивалот на пантомима „Панфиз“ почнува со претстава од Финска

Три претстави ќе бидат изведени на 12. Интернационален фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз“ кој ќе биде отворен вечер од 20 часот на големата сцена во Македонскиот народен театар со претставата „Боди ноутс“ (Body Notes) на театарската трупа „Мимо арт“ од Хелсинки.

Претставата од Финска која требаше да гостува на минатогодошниот „Панфиз“ е дел и од програмата на годинашното „Скопско лето“. Според уметничкиот директор на „Панфиз“ Трајче Ѓорѓиев, се работи за атракција што фасцинира со артикулираната сценска физичка игра, во исто време кокетирајќи со танцот како ад хок израз.

Утревечер на „Панфиз“ ќе има две претстави на малата сцена на МНТ – „Белиот Бип”  на театарот „Метаморфози“ од Бугарија од 20 часот и македонскиот проект „Скопје ‘63” на театарот „Страница” од 21.30 часот.

Оваа година на „Панфиз“ ќе се одржува еднонеделна буто-работилница под водство на Марко Нектан од Србија, со група од десетина македонски артисти. Од работилницата ќе произлезе четвртата претстава на „Панфиз 2019” која и ќе го затвори фестивалот на 3 јули од 20 часот –  буто-перформансот „Кабаре на апсурдот”.

По изведбата ќе биде доделена единствената награда за најдобра претстава, чиј спонзор и оваа година е семејството Пацови од Бугарија.