Loading Video...
Спорт плус
30. July 2020 - 15:26

Федерациите со предлог – Формирање стручно тело околу протоколите за одржување на спортските натпреварувања

 
Дека одржувањето на спортските настани е под голем знак на прашање најдобро говори и денешната средба во Фудбалската федерација на Македонија, каде генералните секретар на четирите најголеми федерации имале работна средба на која се говорело околу начинот на спроведување на системите на натпреварување во ситуација на пандемијата. 
Главна тема на состанокот беа здравствените протоколи за спортските натпревари и предизвиците со кои се соочуваат организаторите на натпреварувањата во пресрет на новата натпреварувачка сезона, а се во директна поврзаност со мерките за заштита на здравјето на спортистите и спортските работници.
 
Пред почетокот на новата натпреварувачка сезона, федерациите веќе изготвија протоколи одобрени од надлежните институции, но суштинската забелешка, се однесува на различното толкување во однос на тестирањето и евентуалната потврда за присуство на вирусот кај спортистите како и начинот, постапката за евентуално одредување карантин или самоизолација на поединци, односно група на спортисти.
 
Федерациите ќе покренат иницијатива и ќе предложат до надлежните институции, да биде формирано на посебно, стручно тело во рамки на државниот орган за спорт, чија обврска би била комуникација, соочување и решавање на предизвиците и проблемите со кои се соочуваат федерациите и спортските тимови во услови на пандемија, сé со цел навремено да започнат националните првенства.
 
-  За нас, како Фудбалска федерација на Македонија е исклучително важно да го започнеме новото првенство според предвидениот календар, од причина што веќе од идниот месец ќе бидеме организатори и на низа меѓународни натпревари на репрезентациите, а тимовите ги очекуваат и натпревари од европските купови. ФФМ од месец март изготви протокол за фудбалски натпревари, клубовите веќе ги работат тренинзите и контролните натпревари според тој здравствен протокол, но сепак останува нејасна постапката во однос на патувањата надвор од државата и враќањето на екипите и репрезентациите во нашата држава. Она што е важно да напоменеме е дека ние во пропоцизиите за натпреварување ќе донесеме посебни забелешки поврзани со здравствениот предизвик со кои сите се соочуваме, истакна Филип Поповски, генералниот секретар на ФФМ.
 
Претставниците на кошаркарската, одбојкарската и ракометната федерација истакнаа дека ситуацијата во која се наоѓаат е веројатно покомплексна бидејќи натпреварите се играат во затворен простор, но ги споделија речиси истите проблеми со кои се соочуваат во однос на тестирањето на играчите и официјалните лица, како и патувањата надвор од државата за клупски и репрезентативни натпревари. Изразија надеж дека државните институции треба да најдат начин да бидат и логистичка, па дури и финансиска поддршка во однос на почетокот на натпреварувањата и тестирањето на екипите.
 
Заклучоците од состанокот ќе бидат презентирани до здравствените власти во нашата држава и до државното тело за спорт.