Свет
28. October 2016 - 22:00

ФБИ разгледува можност за нова истрага против Хилари Клинтон

Американскоот Федерално истражно биро (ФБИ) денеска го информира Конгресот на САД дека ја разгледува можноста за отпочување нова истрага против демократскиот кандидат за американски претседател Хилари Клинтон, откако во јавноста беа објавени содржините од нови службени електронски писма што таа ги испраќала од нејзината приватна и-мејл адреса додека ја извршуваше должноста државен секретар на САД.

ФБИ во известувањето наведува дека целта на истрагата би била да се утврди дали тие писма содржеле доверливи информации, кои би можеле да ја загрозат бебзедноста на САД. Бирото претходно спроведе истрага во врска со овој случај и во јули заклучи дека нема основа за покренување постапка против Клинтон.  

Ваквата најава за нова истрага доаѓа на десетина дена пред претседателските избори закажани за 8 ноември.

По новата највата на ФБИ со огласи републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, кој ја поздрави одлуката на Бирото.

- Имам големо почитување кон фактот дека ФБИ и Министертсвото за правда имаат храброст во овој момент да ја исправат ужасната грешка, која ја направија, порача Трамп од предизборниот собир во градот Манчестер во американската сојузна држава Њу Хемпшир.

Во врска со најавата на ФБИ се огласи и американскиот Стејт департмент кој соопшти дека е подготвен да соработува во евентуалната нова истрага против Клинтон.

- Секако дека сме подготвени да соработуваме доколку тоа биде побарано од нас, но во овој момент ние едноставно немаме никакви дополнителни детали или информации, изјави портпаролот на Стејт департментот, Марк Тонер.

Изборниот штаб на Клинтон досега не ги коментираше најавите на ФБИ за можна нова истрага.