Свет
18. March 2016 - 8:34

ФБИ: Напаѓачот во Калифорнија бил инспириран од ИД но не бил поврзан со групата

Американскиот студент Фејсал Мохамад самиот се радикализирал, инспириран од милитантантната џихадистичка група Исламска држава, пред да го изврши терористичкиот напад, но не бил поврзан со групата, соопшти ФБИ.

Полицијата го уби Мохамад (18) во ноември 2015 година, откако овој млад студент изврши напад врз калифорнискиот универзитет Мерсид.
Сите жртви го преживеаја нападот, а никој од повредените не им подлегна на раните од овој инцидент.

Оперативците на ФБИ при претресот на неговиот стан, во компјутерот откриле многу пропаганден материјал на ИД.

Пронајдени се и планови за тоа како најдобро да го изведе нападот врз Универзитетот и врз неговите колеги, како и тоа дека нападот бил планиран најмалку една недела порано, но од непознати причини еднаш бил одложен.

Еден месец подоцна, во вооружениот напад на брачна двојка- муслимани врз Центарот за помош на хендикепирани лица во калифорнискиот град Сан Бернардино, беа убиени 14 лица, а десетица други беа ранети.

Според наодите на истрагата на ФБИ, брачната двојка Саед Ризван Фарук и Ташфен Малик, исто така, биле инспирирани од ИД, но и за нив нема докази дека биле поврзани со џихадистите.