Македонија
8. September 2017 - 18:51

Фатен пироманот кој ги подметна шумските пожари во Крива Паланка

Пожарот кој избувна вчера во Кривопаланечкото село Габар и гореше речиси 24 часа, денес повторно беше разгорен и тоа на четири разни локации, информираат од Територијалната противпожарна единица Крива Паланка.

Командирот на ТППЕ Крива Паланка Иле Коцевски, рече дека пред целосно да го ликвидираат пожарот денеска околу 14 часот, повторно добиле дојава за пожар во селото Габар, од каде вчера настана пожарот кој зафати речиси 60 хектари површина.

- Гореше на четири различни локации, а пламенот се соедини. Интервениравме брзо и успеавме да го изгаснеме и ликвидираме пожарот, а на лице место успеавме и да го фатиме лицето кое ги подметна пожарите, изјави Коцевски.

Пироманот е фатен и предаден на службени лица од Полициска станица Крива Паланка за распит и понатамошна истрага.

Во пожарот изгореа 60-тина хектари борова шума, даб, стрништа и трње.

Интервенираа вкупно четири екипи на Територијалната противпожарна единица од Крива Паланка со десете пожарникари, дваесетина вработени од ЈП „Македонски шуми“ подрачно шумско стопанство „Осогово“, една екипа пожарникари од општина Ранковце и вработени од ПЕ на Дирекција за заштита и спасување од градот.

Ова е седми пожар на подрачјето од Крива Паланка во септември, а во август се бележат дури 27 интервенции. Причината за настанување во најголемиот процент била човечки фактор.