Македонија
21. September 2022 - 19:58

Фармерите од Малешевијата излегоа на протест, револтирани од решението на АХВ за депопулација на свињите

Фармерите од Малешевијата излегоа на протест, зашто се револтирани од решението на АХВ за депопулација на свињите, како превентивна заштита од африканската чума. Тврдат, дека на територијата на нивната општина нема ниту едно заразено грло, а доколку од Агенцијата имаат други сознанија да им ги пренесат лично.

  • Ние си поднесовме барање, да дојдат и да ни кажат, дали нашата стока е заразена или не е заразена. Ако не е заразена, да не остават на раат, да си ја храниме и колиме ние кога сакаме, а не ним кога ќе им текне. Ако сме говедари, свињари и овчари, ние трева не пасиме- изјави Димитар Пачемски, сточар од беровско.

  • Ако има болест, како што велат, ние самите ќе ги уништиме и заколеме- изјави Зоран Мачевски, сточар од беровско.

Сметаат дека намерно се ништат малите производители под изговор дека не ги исполнуваат биосигурносните мерки, а се штитат големите фарми.

  • Нема овде болест. Од Виница па наваму нема, никој не е ни кажал дека има, ама некој сам си прави за да ја заштити фармата-изјава сточар од беровско.

Бараат инспекторите да излезат на терен и да ја утврдат вистинската состојба, зашто свињите кои ги чуваат се само за лична исхрана.

  • Подобро нас да не уништат, отколку свињите. Нема да има што да јадеме. Секоја фамилија си чува свињи за јадење- изјави Александар Мачевски, сточар од беровско.

Доколку под итно не се најде решение за нивниот проблем, најавуваат радикализација на протестите.

  • Ќе ја блокираме цела Малешевија, Панчареево, Обозна и Преведена. Ќе блокираме да нема никаков пристап- додаде Мачевски

Од АХВ се децидни дека веќе донесените решенија нема да се повлечат, а депопулацијата се врши според европските стандарди за заштита. Од 5500 одгледувалишта во земјата, само 708 ги исполнуваат биосигурносните мерки и се во групата на фарми со низок ризик од ширење на болеста.