Македонија
19. May 2022 - 12:18

Фармерите бараат повисока цена за свинското месо

Фармерите бараат покачување од 50 денари на откупната цена на свинското месо. Со актуелните 100 денари за килограм жива мера, не можат ни од далеку да ги покријат производствените трошоци. Јачменот како сточна храна го купуваат по цена од 17 до 20 денари, а покачени се и цените на останатите суровини.

Храната во псоредба со лани е покачена со 100 %. Струјата исто така е покачена, а цената на свинското е се уште иста. Лани беше 100 денари и сега е 100 денари. Реално, треба најмалку да биде 150 денари, изјави Гоце Серафимов, фармер.

Пред 3 месеци од министерствoто за земјоделие добиле парична помош во висина од 1500 денари за продаден товеник, но тоа била времена мерка за февраури, март и април. Бидејќи свињогојството им е нерентабилно, Серафимов смета дека ќе дојде до пад на производството.

Ќе дојде до намалување на бројот на одгледувачи и на свињи. Веќе е започнат тој тренд, во Велешко го намалуваат бројот на мајки, додаде Серафимов.

И економистите стравуваат дека падот на домашното производство ќе иницира инфлаторното движење и понатаму да оди по нагорна линија.

Нешто што го нема на пазарот, значи дека ќе го има дополнително, но со повисоки цени, изјави Глигор Ивановски, економист. 

Субвенционирањето на домашните производители на храна треба да биде приоритет, зашто последиците од идните покачувања на цените на основните прехрамбени продукти ќе ги почувствуваат сите граѓани.