Свет
19. February 2021 - 11:18

Фајзер/БиоНТек и ја нудел на ЕУ својата вакцина по цена од 54,08 евра

Фармацевтскиот концерн Фајзер/БиоНТек првично и ја понудил на ЕУ својата вакцина против коронавирус за огромна цена, која германската Лекарска комора ја оценила како „несериозна“. Весникот „Зидојче цајтунг“ пишува дека Фајзер/БиоНТек на почетокот на преговорите барал 54,08 евра по доза од вакцините и нарачка од 500 милиони дози.Фармацевтскиот концерн сакал од тој бизнис да заработи вкупно 27 милијарди евра.

Според претставници на Фајзер/БиоНТек, таа цена го содржела највисокиот рабат (попуст) кој би можел да се понуди на една индустриска земја во светот. Со тоа вакцината на Фајзер/БиоНТек би била над 20 пати поскапа од таа на АстраЗенека.

Во ноември е склучен договор со ЕУ, а цената досега не е објавена, но според некои медиуми, таа изнесува околу 15 евра по доза.