Македонија
4. March 2021 - 16:38

Фајзер го испрати договорот, првите дози ќе стигнат до крајот на март

Нов рок за пристигнување на вакцини во Македонија. Додека се чекаат 200.000 дози од кинески Синофарм, премиерот Заев денеска најави дека до крајот на март ќе стигне првата пратка со 21.000 од планираните 800.000 вакцини на Фајзер кои државата директно ги купува од компанијата. Според договорот како што соопшти министерството за здравство испораката ќе се одвива во 4 фази.

- Веќе имаме во вториот квартал поголеми количини. Не се работи за несериозност, заради тоа што единствена причини е недосттатокот на производство во делот на количини на вакцини за која било вакцина. Тоа е проблемот. Ние сме мала земја, сакам да го осигурам и му гарантирам на нашиот народ дека како Влада, како Министерство за здравство имаме направено повеќе од тоа што е доволно имајќи предвид дека ќе треба еден милион народ од прилика да се вакцинира за да ја постигнеме имунизацијата, за која би било потребно да има два милиона вакцини. Ние ако ги броите 800.000 Фајзер, 833.000 преку КОВАКС механизмот,  400.000 од Кина, 200.000 имаме нарачано од Русија, имаме дополнително од ЕУ согасно грантот од 70 милиони, донациите кои што дополнително ги најавија сите соседи стигаме до 2,5 милиони. Значи сме направиле исчекор повеќе за да ги фатиме сите механизми, сите алатки, да направиме договори, преддоговори, некаде дури и анекс да платиме се со конечна цел да преземе се што е неопходно. Јас верувам, како што реков пред некој ден, денови се во прашање, рече премиерот Зоран Заев.

Иако на хартија имаме 2.5 милиони дози, во државата се користат само 8000 фајзерови вакцини кои ни ги обезбеди Србија.

Поради ова еминентниот Блумберг ја рангира Македонија меѓу последните држави во светот по опфатот на имунизација, односно имаме 0.07 отсто вакцинирани на 100 жители според бројките со кои располагале кога ја правеле анализата. Најголем е процентот на вакцинација во Израел дури 92, во Обединетите Арапски Емирати 57, во Велика Британија 32, а во САД заштитени се 24 проценти на 100 лица.

Ако се задржи ова темпо потребни се скоро 5 години со две дози да се вакцинираат 75 проценти од населението во светот.