Свет
28. April 2017 - 13:55

Фајненшл Тајмс: ЕУ би можела да ја прифати можноста од обединета Ирска во рамките на Унијата

ЕУ и европските лидери би можеле да ја прифатат можноста од една обединета Ирска во рамките на Унијата, пишува лондонски „Фајненшл Тајмс“.

Според весникот, станува збор за барањето на дипломатите на Република Ирска, упатено до лидерите на земјите членки на ЕУ, да ги поддржат можностите за приклучување на Северна Ирска кон Унијата, во случај, во сегашната британска покраина на ирскиот остров, на референдум, да се изгласа нејзиното обединување со републиката на југот од островот.

Ваквиот потег на дипломатите во Даблин доаѓа во време кога политичарите од републиканската-католичка партија Шин Феин, во Белфаст, се почесто ја споменуваат можноста во Северна Ирска да се организира референдум за обединување на „поделениот остров“.

Ваквото барање се засили откако на предвремените избори во покраината, се-ирската партија Шин Феин постигна голем успех.

Таа и овојпат не освои најмногу пратеници во северноирското Собрание, но предноста на Демократската унионистичка партија (ДУП) сега е сведена на само еден пратеник повеќе од републиканците.

Значително засилените позиции на Шин Феин предизвикаа одлагање на создавањето заедничката влада на унионистите и републиканците, која е предвидена со договорот за управување со покраината, поради несогласувањето околу статусот на ирскиот јазик.

Но иницијативата на ирските дипломати е последица на неприфаќањето на мнозинството Северноирци, Велика Британија да ја напушти ЕУ. На референдумот од 23 јуни минатата година, 56 отсто од гласачите во покраината беа против Брегзит.

Лондонскиот весник потсетува дека според одредбите на спогодбата од Велики петок, од април 1998 година, референдумот за обединување на двата дела од Ирска е предвидена можност и за него постои правна основа за покренување на една таква постапка.

Тој дел од договорот беше потиснат, затоа што спогодбата од пред 19 години, направена со посредство на САД и под надлежност на ЕУ, овозможуваше отворени граници, бришење на сите пречки за слободно движење на луѓе и работна сила, како и на бизнисот, затоа што спогодбата е направена врз принципите на ЕУ, во која тогаш членуваа и Британија и Ирска.

Работите ќе се изменат откако Британците ќе ја напуштат Унијата, а тоа од почетокот предизвикува стравување во Даблин дека ќе се вратат поранешните делби, границата и разделеноста на Ирците, а со тоа и времето на насилство во покраината.

Можноста за референдум и во Северна Ирска, по оној во Шкотска, ќе ги покрене предупредувањата и стравувањата на британските политичари дека Брегзит може да предизвика расцеп на Велика Британија, забележува „Фајненшл Тајмс“.