Македонија
4. February 2020 - 10:38

„Фајненшл Тајмс“: Брисел им отвора пат на земјите од ЕУ за стопирање на преговорите за членство

Брисел подготвува план за промена на процедурата за преговорите за членство во ЕУ, кој се очекува да стане ново потенцијално бојно поле меѓу членките на Унијата околу тоа дали да се даде зелено светло за отпочнување на претпристапниот процес за Скопје и Тирана, оценува лондонски „Фајненшл Тајмс“.

Весникот, кој имал увид во планот, наведува дека тој ќе овозможи на појасни ставови околу тоа што членките на ЕУ очекуваат од кандидатите за членство, како и во врска со последиците со кои би се соочиле државите аспиранти во случај на исполнување или неисполнување на поставените барања.

„Фајненшл Тајмс“ оценува дека Владата во земјава се соочува со „голем предизвик на изборите во април од страна евроскептичните противници, кои тврдат дека ЕУ ја предала земјата иако таа ги исполнила сите поставени барања, вклучително и промена на нејзиното име со што се стави крај на долгогодишниот спор со Грција“.

Весникот пренесува и изјава на министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој вели дека носењето одлука за започнување на преговори пред изборите во април, „во суштина ќе даде одговор на прашањето што сака Европа со Балканот“.

– Ако (ЕУ) сака демократски и помирен регион, треба да испорача кога земјите ќе спроведат тешки реформи и ќе решат долгорочни спорови, вели Димитров.

„Фајненшл Тајмс“ посочува дека планот на Еврокомисијата, што треба да биде објавен оваа недела, предвидува дека темпото на преговорите ќе зависи од спроведувањето на реформите во земјите кандидати за членство, при што во екстремен случај преговарачкиот процес може да биде ставен во мирување или суспендиран, како и да има повторно отворање на веќе затворени поглавја.

Планот исто така нуди и подобри стимуланси за земјите кандидати за успешно работење, вклучително и зголемени финансиска помош и инвестиции и поблиска интеграција со политиката, пазарите и програмите на ЕУ во областите каде е постигнат напредок, додава весникот.