Балкан
4. March 2016 - 9:08

„Фајненшел тајмс“: ЕУ и Турција се близу до спогодба за реадмисија на сите несириски мигранти

Европската унија е близу до спогодба со Анкара, што ќе предвидува реадмисија на сите несириски мигранти од грчките острови назад во Турција, информира грчкиот сајт Њуз. ин, повикувајќи се на весникот „Фајненшел тајмс“. 

По неколку недели тешки преговори и притисок од страна на Брисел и Берлин, турскиот премиер Ахмет Давотуглу, се чини, дал одобрение Турција да ги прими несириските мигранти и да ги засили своите активности против шверцерите со луѓе.

И покрај тоа што спогодбата се уште не е сигурна и нејзината примена тешко ќе оди, тоа може да се покаже како долгоочекуваната пресвртна точка во бегалската криза, додавајќи една нова динамика на стратегијата која досега претрпе неуспех што се однесува до ограничувањето на бегалските приливи во Егејско Море, пишува „Фајненшел тајмс“.

Британскиот весник, повикувајќи се на двајца дипломати, запознаени со вчерашните преговори, уште тврди дека Турција, исто така, се согласила да ги прифати сите мигранти, кои ќе бидат спасени од силите на НАТО во Егеско Море.