Македонија
14. January 2021 - 17:04

ФАЦ: Земјите од Западен Балкан не можат да се надеваат на брзо членство во ЕУ

Шансите земјите од Западен Балкан да добијат полноправно членство во ЕУ се сведени на минимум, а алтернатива е членство во Европската економска зона, анализира германски Франкфуртер Алгемајне Цајтунг.

Според весникот, Унијата се повеќе се соочува со потешкотии во функционирањето, поради што ентузијазмот за проширување целосно го нема. Но истовремено, ЕУ не сака да го загуби Балканот.

Затоа, пишува ФАЦ, повторно се враќа на сцена концептот – полноправно економско учество во Унијата за овие земји, но без право на политички збор”

„Веќе со актуелните 27 земји-членки, во однос на надворешно-политичките, буџетските и другите прашања кои бараат едногласност, ЕУ е честопати во потешкотии, а понекогаш и воопшто не е способна да делува. Во една Унија со 33 членки, тоа ќе биде уште потешко. Можете да си замислите што ќе значи кога Србија како членка, ќе има право на вето по прашањето за односите на ЕУ со Русија“, анализира ФАЦ.

Токму ова, според германскиот весник, е причина Унијата сериозно да се размислува за алтернатива која би била реална, а истовремено и доволно атрактивна за регионот. Тоа испробано решение, вели Елмар Брок, еден од најблиските соработници на Меркел, е членството во Европската економска зона.

Идејата за првпат изложена по француското вето за Македонија во 2019-година. Подразбира шесте држави на Западен Балкан да имаат пристап до заедничкиот ЕУ пазар.

Идејата не наиде на согласност кај македонскиот државен врв. Претседателот Пендаровски минатиот месец обелодени дека Македонија добила понуда за членство во Европската економска заедница, но дека таа била одбиена, бидејќи би била катастрофална на долг рок.

„Економската интеграција не е доволна ако не следува политичка интеграција, клучно е да одат тие паралелно, она што недостига во Брисел е практична заложба на ангажиран пристап со што ќе се докаже дека западниот Балкан е голем стратешки и геополитички приоритет“

Пендаровски тогаш не откри од кого дошла понудата, но изјави дека предлозите циркулирале за време на подготовката на новата методологија за преговори со ЕУ.

Против експресното одбивање на понудата застана опозицијата, коментирајќи дека Пендаровски треба да ја искористи секоја шанса да обезбеди членство во меѓународни организации, кои ќе значат нови подобри стандарди за Македонија.