Бизнис
21. May 2020 - 19:50

Евростат: Во Македонија живеат најмногу луѓе во мали станови

Македонија е меѓу државите каде е најголем бројот на граѓани кои живеат во домови со мала квадратура. Податоците од најновиот извештај на Евростат покажуваат дека 51% од младите до 30 години живеат во заедница во премали домови.
Експертите велат дека ова е поразителен факт, особено во услови на пандемија, кога социјалното дистанцирање е клучно за зачувување на здравјето, а самоизолацијата е речиси невозможна. Според социолозите, животниот стандард и традицијата се причините што се живее така.

„Тоа зависи од стандардот, од материјалното богатство, но би рекол и дека во Македонија случај е и културата. На пример, во Франција се смета дека околу 15-18м2 е соодветен простор по човек. Кога ќе падне под едно одредено ниво таа квадратура кај човекот предизвикува проблеми од психосоцијална природа. Како се намалува квадратурата по човек, така се зголемува нивото на нервоза, внатрешни проблеми во семејната група, бидејќи поединецот го нема тој комодитет на едно нормално живеење. И тука ние сме негде, би рекол, последните во Европа во однос на тоа”, вели универзитетскиот професор Илија Ацески.

Вонредната состојба, карантинот и полицискиот час уште повеќе ја вложуваат состојбата. Експертите велат дека во тие случаи најмногу страдаат најмладите.

 „Тоа создава тешки проблеми, особено кога станува збор за повеќе денови и особено кај помладите, бидејќи тие се повеќе индивидуализирани и сакаат да имаат свој свет, своја комуникација и никој не сакаат да навлегува во нивниот интимен живот. А сега тоа навистина е тешко. И дури и да влезете во една расправија, да речеме, ќе излезете надвор. Но, не можете. Внимавајте, немате каде”, објаснува професорот Ацески.

Според податоците од Еуростат, живеењето во премали домови е најизразено на Балканот. Покрај Македонија, на дното на табелата се и Србија, Романија и Бугарија.
Просекот во Европската Унија е дека 17% од луѓето живеат во недоволен простор. Стандардите за соодветни услови за живеење предвидуваат 1 соба за секој пар, една одделна соба за секое полнолетно лице и една соба за две лица до 18 години.