Свет
16. April 2018 - 14:00

Евростат: Во 2016. во ЕУ родени повеќе од 5,1 милион бебиња

Во текот на 2016 година, во земјите од Европската унија се родени повеќе од 5,1 милион бебиња, соопшти денеска Евростат.

Во осум од 28 земји членки на ЕУ, мнозинството деца се родени во вонбрачни заедници, додека во останатите држави, во просек, две третини од бебињата се родени додека родителите им биле во брак.

Од секои 10 бебиња, шест се вонбрачни во Франција, што земјата со 59,7 отсто бебиња родени надвор од брак ја прави лидер во ЕУ според овој критериум.

По неа следуваат Бугарија и Словенија со 58,6 отсто вонбрачни деца, па Естонија, Шведска, Данска, Португалија и Холандија, каде над 50 отсто од децата биле родени во вонбрачна заедница.

Од друга страна, податоците на Евростат покажуваат дека во Грција само една десетина од бебињата се родени надвор од брак, а во Хрватска и Кипар такво е секое петто бебе. Секое трето бебе е родено во вонбрачна заедница во Литванија, Италија, Романија и Малта.

Што се однесува на државите кои не се членки на ЕУ, најголем процент на вонбрачни деца има на Исланд (70 отсто), па Норвешка (56 отсто), Швајцарија (24 отсто) и Лихтенштајн (22 отсто).

Во Македонија 12 отсто од децата се родени вон брак, во Србија 25 отсто, а во Турција само два проценти од бебињата се родени надвор од брак.