Loading Video...
Фудбал
17. March 2020 - 15:55

Европското фудбалско Првенство се одложува за следното лето

Поради проблемите со Корона вирусот, Европското фудбалско првенство наместо летово ќе се одржи следното лето решија членките на Европската фудбалска Асоцијација. 
 
„Ковид 19“ вирусот го одложи првиот голем спортски настан. Откако изминатиот период се одложија сите национални првенства, па и поголеми и помали меѓународни во сите спортови. Денеска и официјално Европската Фудбалска Асоцијација (УЕФА) реши да го доложи континенталниот шампионат за една година. 
 
Така наместо летово ЕУРО е презакажано за следното лето односно од 11 јуни до 11 јули 2021 година. 
 
Ваквата одлука со консензус, УЕФА ја донесе на денешниот видео конференциски состанок со 55-те свои членки. Со тоа практично се одложи и историскиот меч на македонската фудбалска репрезентација, која преку баражот сеуште е со шанси за настап на ЕП. Неофицијалните информации велат дека бараж дуелите ќе бидат закажани за 2  јуни кога во Скопје ќе треба да гостува Косово, односно на 6 јуни би се играло финалето и тоа со победникот од мечот Грузија – Белорусија на гостински терен
 
Со оваа одлука УЕФА сака да им даде шанса пред се на националните шампионати, доколку се создадат услови тие да бидат доиграни. 
 
Иако во моментов ситуацијата со ширењето на вирусот делува далеку од идеална, од УЕФА верува дека до почетокот мај ќе има услови за спортски настани во поголемиот дел од Европа. Доколку во одредени земји не постојат услови за нормално одигрување на натпреварите, сезоната би продолжила без присуство на публика.
 
Воедно планираните финални натпревари во европските купови се пролонгирани, па така наместо во мај, мечот за титулата во Лигата на шампионите во Истанбул е презакажан за 27 јуни, а три дена порано би требало да се игра финалето од Лигата на Европа.
 
Засега нема потврда дали форматот на натпреварување ќе остане ист или ќе претрпи промени.