Македонија
13. јуни 2018 - 19:39

Европските демохристијани без коментар за договорот за името

Извори во Европската народна партија (ЕПП) велат дека нема да има коментар за историскиот договор за името постигнат вчера, но се разговара зад кулиси, посочи за МИА еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Откако сите клучни политички сили и актери во ЕУ и НАТО сесрдно го поздравија постигнатиот компромис за името помеѓу Македонија и Грција, единствено најголемата политичка група во ЕУ остана нема.

За сега официјално реакција од ЕПП дојде само од европратеникот Едвард Кукан, активен учесник во процесот Жан Моне.

- Топло го поздравувам историскиот договор помеѓу Македонија и Грција за „спорот со името“. По 25 години блокада еден од најдолгите спорови во Европа беше решен. Сакам да им честитам на двајцата политички лидери за нивната посветеност и подготвеност да разговараат за овој тежок и чувствителен спор. Овој договор е доказ дека кога се сака, се може. Уверен сум дека ова ќе ја отвори вратата за македонската евроатлантска интеграција. Се надевам исто така дека Советот ќе го награди овој историски чекор во јуни на Самитот. Крајно време е да почне да се разговара за претпристапни преговори со Македонија, ијзави Кукан за словачките медиуми.

Освен тоа, молк во ЕПП. Преку штура електронска порака, прес службата им порача на новинарите дека „нема да има коментар на оваа тема од ЕПП“.

Но, извори во политичката група за МИА велат дека сакаат „позитивен исход“ и дека претседателот на ЕПП е во постојана комуникација и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и со лидерот на Нова Демократија во Грција, и двете членки на ЕПП.

На темата се осврна и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, во интервју за МИА кое ќе биде објавено во целост утре. Хан, иако треба да е политички неутрален како комесар, е сепак потпретседател на Европската народна партија. Тој вели дека е во контакт со претседателот на партијата на оваа тема.

- Во постојан контакт сум со претседателот за оваа тема, а тој е во постојан контакт со лидерите на опозицијата и некогаш е подобро некои работи да се разговараат тет-а-тет, бидејќи ова е работа која е национална треба да биде видена како натпартиска работа, и се разбира сите ние политичари ги разбираме потребите на лидерите на опозицијата, но има очекување дека опозицијата ќе има конструктивна улога, изјави Хан за МИА.

Комесарот додаде дека новата опозиција во Македонија веќе се покажала кооперативна и конструктивна и дека е важно да се разбере дека компромисот не значи „стигма на губитник“.