Спорт плус
23. September 2015 - 12:31

Европскиот шампион Стефановски на преим во АМС

Агенцијата за млади и спорт (АМС) денеска организираше прием за најдобриот македонски автомобилист и старо нов европски шампион на ридски патеки Игор Стефановски - Иџе.
 
- Република Македонија е горда на Иџе кој втора година по ред ја освојува европската титула на ридски патеки. Верувам дека овој голем историски успех ќе биде предизвик за сите наши спортисти, особено автомобилисти, во најмала рака да го повторат ова достигнување. Успехот на Иџе е вреднуван од страна на државата и од страна на Агенцијата на млади и спорт. Стефановски ја потврдува стипендијата од светска категорија и следните четири години ќе добива паричен надоместок од две просечни плати, а по завршување на спортската кариера, тој ќе добива највисока спортска стипендија за остварување врвни спортски резултати, што значи паричен надоместок до крајот на животот во висина од една просечна плата, изјави директорот на АМС Марјан Спасески.
 
Иџе се заблагодари на АМС за поддршката која ја добиваше и за најавената помош во идниниот период.
 
- Ова беше моја најдобра сезона. Десет победи од 12 трки со девет рекорди на 12 патеки се голем успех за мене и за нашата држава. Македонското знаме стана препознатливо на сите тие настани и трки, а предизвик во иднина е една светска титула, истакна Стефановски.
 
Најдобриот македонски и европски возач доби покана од Светската автомобилистичка федерација (ФИА) за учество на шампионатот на кружни натпревари, а дали ќе се прифати зависи од тоа дали ќе се соберат 250-300 илјади евра, пари потребни да се учествува на тој шампионат.
 
- По некоја математика овие средства би биле доволни за учество на Европскиот шампионат на кружни трки. За наши услови тоа е многу, но за автомобилизмот во тој свет тоа е минимално. Се надевам дека ќе успееме да собереме финансии да учествуваме на тие трки, рече Иџе.
 
Првиот човек на АМС упати апел до приватниот сектор да се вклучи во учеството на обезбедувањето финансиски средства за настап на Стефановски следната сезона во шампионатот на кружни патеки и на тој начин да го помогнат докажаниот шампион, а од друга страна да добијат реклама на светските познати спортски телевизии.
 
Крајниот рок за потврда дали Стефановски ќе учествува на кружните трки е 15 декември.