Свет
9. јуни 2016 - 8:37

Европскиот парламент поделен околу резултатите на планот Јункер за обнова на европската економија

Европратениците на дебатата посветена на планот Јункер вреден 315 милијарди евра за економската обнова на ЕУ истакнуваат дека првите резултатите се охрабрувачки. Сепак по оваа оценка европратениците се поделени, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

На 24 јуни 2015 година, парламентот ги одобри правилата на Европскиот фонд за стратешки инвестиции. Целта на оваа мерка е да се обезбеди јавна поддршка за економски одржливи проекти, кои инаку не би можеле да се реализираат поради неподготвеноста на приватните инвеститори сами да инвестираат.

Фондот, да потсетиме, добива 16 милијарди евра во гаранции од Европската унија и дополнителни пет милијарди од Европската инвестициска банка. Европската инвестициона банка издава обврзници во вредност од вкупно три пати и ги користи парите да се ко-финансираат проекти, заедно со приватните инвеститори. Секое евро од државни пари генерира вкупно петнаесет евра од јавните и приватните инвестиции, што доведува до целокупната инвестиција од 315 милијарди евра.

Фондот се користи за финансирање на големи инфраструктурни и иновативни проекти и им помага на малите и средни претпријатија (МСП), преку обезбедување гаранции на банките.

Некои од европратениците ги критикуваа досегашните резултати на инвестицискиот план, додека други, повикаа на трпеливост за да може да се суди неговата ефикасност на подолгорочен план.

Групите на Европската народна партија и Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите се изјаснија за продолжување на Европскиот фонд.

Италијанскиот социјал-демократ Џани Питела смета дека планот може да претставува сериозен одговор на економската криза.

За австрискиот демохристијанин Отмар Карас планот е „спринт, а не маратон" и дека е важно да се продолжи со овие чекори за да се добијат резултати.

Критиката на Планот Јункер дојде главно од помалите политички групи во Европскиот парламент.

Либералниот пратеник од Чешка Павел Телицка оцени дека овој план е сличен на другите програми кои веќе постојат и поради таа причина не може да ја исполни целта за презентирање на вредност.

Прашањето на регионалните диспаритети беше подигнато неколку пати од страна на групата на Европската обединета левица / Нордиска зелена левица и Групата на зелените / Европската слободна алијанса. За нивните членови, планот всушност ги промовира веќе развиените региони, како и мултинационалните компании.

- Планот, треба да се фокусира на земјите каде што има недостиг од инвестиции и инвестициски капацитет. Германија ги има сите способности на светот во однос на инвестициите, изјави белгискиот европратеник и копретседастел на зелените Филп Ламберт.

За речиси една година беа одобрени 64 проекти. Тие претставуваат 9,3 милијарди евра финансирани од Европскиот фонд за стратешки инвестиции.

Европскиот инвестициски фонд, кој е специјализиран за финансирање на мали и средни претпријатија, одобри 185 договори за финансирање со банките. Повеќе од 140.000 мали претпријатија би можеле да бидат засегнати.

Севкупно, овие проекти треба да претставуваат инвестиции во вкупна вредност од 100 милијарди евра, посебно во сектори енергија, истражување и развој, транспорт и дигитална технологија.

Забелешките на помалите политички групи дека овие инвестиции најмногу ги корстат веќе развинетите региони на ЕУ се потврдува и со фактот дека Франција е една од земјите со најголем број одобрени проекти, заедно со Италија, Германија, Велика Британија и Шпанија.

На 1 јуни, Европската комисија најави дека сака да продолжи иницијативата по предвидените од три години, како што првично беше планирано.