Свет
17. January 2017 - 9:42

Европскиот парламент избира претседател

Европскиот парламент (ЕП) денеска во Стразбур ќе избира нов претседател, кој ќе го наследи Мартин Шулц, а најголеми шанси за победа, според проценките, имаат двајца Италијанци и еден Белгиец. 

Меѓу кандидатите, за кои 751 член на ЕП ќе се изјаснат во седиштето на Парламентот во Стразбур, сепак води италијанскиот политичатр Антонио Тајани - поранешнот портпарол на Силвио Берлускони. 

ЕП се соочува со бурни избори по распадот на коалицијата на проевропските партии во време кога ЕУ, што е погодена од кризата, се соочува со бран на евроскептичен популизам, пренесува Танјуг.

Најмалку седум кандидати претендираат на таа функција - тројца Италијанци, двајца Белгијци, Романец, и покрај Брегзитот, Британката Џин Ламберт. 

Тајани (63) се кандидира од редовите на Европската народна партија на десниот центар - најголемата група во собранието од 751 место, поради што се проценува дека тој ќе победи. 

Тајани има солидно искуство - беше комесар на ЕУ за сообраќај од 2008 до 2010 година, а потоа комесар за индустрија од 2010 до 2014 година. 

Во ЕП Тајани  влегува во 1994 година. Таа година стана член на партијата Форца Италија на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони. 

Меѓу кандидатите има и либерал, поранешниот белгиски премиер Ги Верхофштат. 

Верхофштат беше белгиски премиер девет години од 1999 до 2008 година. Од 2009 година е претеник во ЕП, каде го предводи Сојузот на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ). 

Другиот Италијанец во трката е Џани Питела од социјалдемократските редови. 

Иако според претходниот договор сегашниот претседател Мартин Шулц, требаше да го замени некој од ЕПП, тој договор веројатно повеќе нема да важи откако Питела влезе во трката.