Loading Video...
Свет
27. May 2020 - 19:37

Европската Унија ќе се опоравува од кризата со помош од 750 милијарди евра

Европската Комисија денеска предложи фонд за обнова во износ од 750 милијарди евра. Со оваа сума ќе треба да се санираат економските последици од пандемијата. Шефицата на Комисијата планот го престави пред Европскиот Парламент.

Иако членките на Унијата се согласуваат дека таков заеднички фонд е неопходен, проблемот настанува околу тоа на каков начин ќе се доделува оваа помош. 

Германија и Франција претходно имаа план за фонд 500 милијарди евра, од кој би требало да се даваат грантови на најпогодените.

На овој план се спротивставија штедливите Холандија, Австрија, Шведска и Данска, кои бараат помошта да се доделува во вид на евтини позајмици.

Идејата за корона обврзници промовирана од Италија, Шпанија и уште седум други земји веднаш падна во вода. 

Според проценките на ЕК, Германија, Австрија, Хрватска, Словачка и Полска се единствени членки на Унијата чии економии за две години ќе се вратат на истото ниво на продуктивност од 2019 година, но на останатите ќе мора да им се помогне. Комисијата предупреди дека доколку пакетот за помош не биде договорен од сите земји членки на Унијата најдоцна до есен, целиот европски проект може да се распадне.