Македонија
25. January 2017 - 15:52

Европската недела за борба против рак на грлото на матката

Здружението „БОРКА-за секој нов ден“, Здружението за ХПВ на Македонија и Македонското здружение за цервикална и патолошка колпоскопија и оваа година по седми пат, од 22 до 28 јануари, ја одбележуваат Европската недела за борба против рак на грлото на матката, во рамки на глобалната кампања за превенција од рак на грлото на матката „Бисер на мудроста“.

Претседателката на Здружението „БОРКА-за секој нов ден“ Биба Додева на денешната прес - конференција рече дека во Македонија ракот на грлото на матката е на четврто место од сите видови рак по честота, а кај жените е на второ место по ракот на дојката.

- Во Македонија секоја година од рак на грло на матка заболуваат околу 200 до 250 жени, а приближно половина од нив умираат како последица на оваа болест, рече таа.

Република Македонија, како што додаде, е една од државите која ги следи светските и европските искуства и од 2012 година започна со организиран скрининг на рак на грлото на матката.

Посочи дека според искуствата од терен бројот на новозаболени жени од овој вид карцином е поголем во руралните средини затоа што тие не се доволно инфомирани.

Притоа упати апел до девојките и жените да сторат се за да се превенираат од рак на грлото на матката, преку редовни гинеколошки прегледи, ПАП тестови, одговорно сексуално однесување со сите мерки за заштита од полово преносливи болести и преку редовната програма за вакцинација против ХПВ вирусите.

- Според Светската здравствена организација редовните гинколошки прегледи, вклучувајќи ја и вакцинацијата на адолесцентките може значително да го намали ризикот од појавата на рак на грло на матката дури до 94 проценти, рече Додева.

Во светски размери годишно се регистрираат околу 530 илјади нови случаи на заболени од рак на грлото на матката, од кои дури 300 илјади завршуваат со смрт.

Претседателот на  Здружението за ХПВ на Македонија, д-р Горан Димитров нагласи дека за жал се повеќе помлади заболуваат од рак на јајници и, како што додаде, забележани се пациентки помлади од 25 години.

Димитров напомена дека  од високоризничните ХПВ типови се сметаат како главен фактор во настанувањето на ракот на грлото на матката, па поради тоа е битно вакцинираните девојчиња и жени да продолжат со редовни гиниколошки прегледи и одговорно сексуално однесување.