Бизнис
16. January 2019 - 19:31

Европската Комисија одлучи, квотите за македонскиот челик продолжуваат и во наредните три години

Остануваат квотите за извоз на челик и алумуниум во Европската унија. Европската комисија одлучи дека ограничувањата кои веќе 10 месеци се во сила ќе продолжат и во следните три години.

Претходно, Владата посочи дека штетите од оваа мерка нема да се одразат врз економијата. Вети дека ќе се бара - Македонија да биде изземана од овие мерки, но тоа не даде резултат.

Македонските компании веќе се известени за одлуката која ќе почне да се применува од следниот месец.

Стопанската комора бара производителите на железо и челик да бидат заштитени. Но и другите давачки што фирмите ги имаат кон Унијата да бидат одложени до конечното влегување во европското семејство.

Проценките на производителите се дека годишно земјава ќе губи најмалку 100 милиони евра.

Од 70 до 80 отсто од вкупниот извоз од металуршката индустрија се извезува во Европа. Македонските компании не можат да најдат алтернативен пазар каде би ги продавале производите.

Со одлуката, 25 проценти царина ќе се пресметува по надминувањето на просекот на увоз во последните три години.

Воведувањето на квотите уследи откако американската администрација еднострано воведе царини за увоз на челик и алуминиум од Европа.