Македонија
3. March 2021 - 13:09

Европската Комисија бара буџетска флексибилност и во 2022 за ЕУ

Европската Комисија предлага да се продолжат правилата за буџетска флексибилност и во 2022.

Економската криза предизвикана од коронавирусот изискува уште буџетска помош за земјите членки на ЕУ, смета Европската Комисија и денеска им предложи на владите да дадат согласност за уште една година флексибилност.

Во ЕУ правилата ги обврзуваат земјите членки да го задржат јавниот дефицит под три отсто, а долгот под 60 отсто од бруто домашниот производ, но поради економската криза Европската Комисија минатата година ги олесни овие правила.

Денеска оцени дека релаксацијата и помошта за државите треба да продолжи уште една година за да се избегне поголема штета. Земјите членки се договорија и за посебна помош во облик на заеми во име на ЕУ кога се гласаше седумгодишниот буџет.

Европската Комисија смета дека не треба враќање на старо пред 2023, но крајната одлука ја носат земјите членки на ЕУ, што значи дека повторно ќе се отвори буџетска дебата помеѓу владите.