Свет
21. January 2017 - 14:26

Европската екстремна десница одржува „контрасамит“ во Германија

Екстремно националистички европски партии денеска во германскиот град Кобленц одржуваат заеднички состанок, кој медиумите го нарекуваат „контра - самит“ а кој според учесниците треба да ја постави „визијата за Европа на слободата“.

На самитот, на кој учествуваат претставници на евроскептични партии и радикални десничарски движења, се пристутни лидерката на францускиот Национален фронт Марин Ле Пен, претседателката на антиимигрантската партија „Алтернатива за Германија“ Фрауке Петри, лидерот на холандската антиисламска Партија на слободата Герт Вилдерс и антиевропската италијанска Северна Лига на Матео Салвини.

Контрасамитот кој се одржува еден ден по инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп, според европските националисти, треба ја раздвижи европската политичка сцена која што е погодена од незадоволство против одлуките на актуелните европски влади.

- Целта е да се постави Европа на утрешнината. Секој од нас е силно приврзан со суверенитетот и слободата генерално. Верувам дека исто така не поврзува и одбивањето на политиките на слободен влез на странците, кои што ги води ЕУ, изјави Марин Ле Пен во пресрет на состанокот.

Друга заедичка карактеристика на лидерите присутни во Кобленц е поддршката за политиките на новиот претседател на САД која што ја изразија јавно преку социјалните мрежи.

Состанокот во Кобленц е организиран од групата Европа на нациите и слободата (ЕНФ) во Европскиот парламент која сега има 40 пратеници во европскиот претставнички дом, јавува дописникот на МИА од Берлин.

Германски левичарски движења за денеска најавија протести пред местото каде што се одржува европскиот „контрасамит“, а состанокот во Германија беше доживеан како напад врз слободата на медиумите откако организаторите не дозволија пристап за неколку влијателни европски медиуми порадни нивното „неодговорно покривање на активностите“ на европските популисти.