Спорт плус
3. July 2016 - 11:13

Европска лига: Никола Ѓорѓиев најдобар коректор

Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација Никола Ѓорѓиев е прогласен за најдобар коректор на годинашново натпреварување во Европската лига. Тој се најде и во „ол стар тимот“. Покрај оваа награда Ѓорѓиев е првопласиран и по бројот на освоени поени во целото натпреварување сезонава – 224 или 7,23 во еден сет. На втората позиција се наоѓа Томас Зас од Австрија со 158 или 66 помалку од капитенот на Македонија.
 
За финалето и за поразот од Естонија Ѓорѓиев изјави:
- Одигравме лошо. Натпреварот беше ист како и ланскиот во финалето со Словенија. Бевме некако исплашени, но тоа е нормално дека моите соиграчи не играат во силни лиги. Имавме многу проблеми, но Естонија е многу силен тим. Го посакував златниот медал, сега имам сребро и се надевам дека следната година ќе имам уште една можност да ја освојам Европската лига.
Селекторот на Македонија Жарко Ристоски потенцираше:
- На прес конференцијата пред „фајнл фор“ турнирот изјавив дека Естонија е најголем фаворит за победа. Тие во сите елементи одиграа подобро, но јас сум горд на моите играчи. Тие се вистински национални херои. Седум победи, еден пораз и сребрен медал.  
 
Најдобриот играч на турнирот Естонецот Роберт Тахт изјави:
- Ова е „слатка победа – реванш“ за ланскиот пораз во полуфиналето. Ова не е ништо лично, но тие лани беа подобри, а ние сега и затоа сме среќни.
Селекторот на Естонија Георге Керту изјави:
- Ја знаевме играта на Македонија, особено по ланската сезона кога загубивме во полуфиналето. Овојпат бевме подготвени на се и ги искористивме сите наши шанси за победа и за освојување на титулата. 
 
Поединечни признанија на Европската лига за сезоната 2016:
МВП: Роберт Тат (Естонија)
Најдобар поентер: Керт Тубал (Естонија)
Најдобар коректор: Никола Ѓорѓиев (Македонија)
Најдобар надворешен поентер: Роберт Тат (Естонија)
Втор најдобар надворешен поентер: Александар Бергер (Австрија)
Најдобар среден блокер: Светослав Гоцев (Бугарија)
Втор најдобар среден блокер: Петер Волтерштетер (Австрија)
Најдобар либеро: Рајт Рикберг (Естонија)