Македонија
12. јуни 2018 - 17:15

Европратеникот Флекенштајн побара ЕУ лидерите да ги отворат пристапните преговори со Македонија

Договорот со Бугарија и интензивниот процес на решавање на спорот за името ги анимираа европратениците да побараат од лидерите на земјите од Европската Унија да ги отворат преговорите за членство со Македонија и Албанија.

Европратеникот Кнут Флекенштај, кој интензивно учествуваше во обновување на политичкиот дијалог во земјава среде дебатата за миграцијата и Брегзит, побара Унијата на јунскиот Самит да ги препознае достигнувањата во земијте од Западниот Балкан.

- Колеги да преминеме на друга тема. Се однесува на Западниот Балкан. Мора да биде јасно дека треба да делуваме во Македонија, има нов ветер таму, договорот со Бугарија го илустрира тоа, мораме да го поддржиме она што го направија Ципрас и Заев, а направија суштински напори да го решат спорот за името. Имаме напредок и во Албанија, владеењето на правото е можеби подобро и од некои ЕУ држави. Треба да почнеме преговори со овие земји, апелираше Флекенштај.

Европратеникот порача дека реформирањето на Унијата мора да оди паралелно со интеграцијата на Западниот Балкан, бидејќи преговорите не значат автоматско членство.

Тоа што е интересно е што овој пат изостана реакцијата главно на грчките европратеници, кои во претходните дебати при секое спомнување на Македонија и нејзиниот европски пат веднаш реагираа, со обвинувања дека земјава не ги исполнува критериуми за почеток на преговори. Европратениците од Грција се јавија за збор, но само за претходните теми.