Свет
14. March 2018 - 18:56

Европратениците бараат силна европска реакција за смртта на Јан Куциак

Европските пратеници одржаа дебата за убиството на истражувачкот словачки новинар Јан Куциак и неговата партнерка. Парламентот бара поголемо инволвирање на Европол во истрагата и посилни мерки од Европската Комисија за заштита на новинарите и почитување на владеењето на правото во земјите членки на ЕУ.

На расправата во Стразбур европратениците им се обратија на претставниците на другите две главни европски институции: Советот на ЕУ и Европската Комисија.

Речиси сите европратеници, без разлика на политичката определеност, сметаат дека е шокантно во рок од неколку месеци двајца истражувачки новинари да бидат убиени поради извршување на нивните работни обврски. Другиот случај беше тој со Дафне Каруана Галициа, убиена во Малта во октомври 2017.

Софи Вантвелд од европските Либерали од говорницата побара “целосно инволиврање на Европол во истрагата во Словачка, а не само на техничко ниво“, и реакција од Европската Комисија:

-Треба да се постави легислативна рамка во ЕУ за целосна контрола на принципите на владеењето на правото и демократијата во земјите членки.

Европските зелени партии на слична линија додадоа и дека ЕУ треба да пружи подобра заштите за “свиркачите“ (whistleblowers), но и да се обезбедат посилни гаранции за заштита на личните податоци на новинарите кои поднесуваат барања преку законите за пристап до информации.

Голем број пратеници забележија дека Кучиак истражувал случај на малверзации со европски фондови, што предизвикува загриженост дека европските власти задолжени за тие прашања не си ја вршат работата како што треба. Зелените исто така побараа следната финансиска рамка на ЕУ да предвиди финансиски средства за заштита на слободата на медиумите.

Еврокомесарот за безбедност, Џулијан Кинг, им се заблагодари на пратениците за забелешките и ја поздрави нивната поддршка. Кинг ги повика словачките власти да соработуваат со ОЛАФ, европското тело за борба против корупција, за да се истражи можната злоупотреба на европски фондови, на која работел Кучиак.

-Ги слушнав вашите барања за засилена контрола на владеењето на правото и за потенцијална правна рамка. Европската Комисија останува посветена на борбата против корупцијата, рече Кинг.

Тој додаде дека ќе се поднесе нов предлог за засилена заштита на свиркачите.

-Овој грозоморен чин не е изолиран, јасно е дека е потребен колективен одговор. Медиумите се столб на демократијата, заклучи Кинг порачувајќи им на оние кои “сакаат да ја загрозат“: нема да бидеме заплашени.

Јан Кучиак беше убиен во својот дом со неговата партнерка Мартина. Тој ги истражуваше врските на словачките политичари со италијанската мафија и злоупотребата на ЕУ фондови.