Свет
20. July 2016 - 15:29

Европол: Рекорден број терористички напади во ЕУ во 2015 година

Европската полициска агенција Европол денеска соопшти дека во 2015 година е забележан рекорден број на планирани, спречени и извршени терористички напади во земјите членки на Европска унија, при што најголем број пријавила Велика Британија.

Во извештајот на Европол се наведува дека минатата година се регистриани 211 спречени или извршени терористички напади, што е најголема бројка од 2006 година кога почна да се води оваа евиденција, јави Би-Би-Си.

Од оваа бројка, вкупно 103 се случиле во Обединетото Кралство, од кои поголем дел во Северна Ирска.

Меѓу уапсените терористи во ЕУ, најголемиот број се џихадисти, наведува Европол во својот извештај под наслов „Состојбата и трендовите со тероризмот во ЕУ“.

Полициската агенција на ЕУ додава дека во текот на минатата година во блокот се уапсени вкупно 687 лица поради поврзаност со џихадистите, од кои 94 отсто биле прогласени за виновни од страна на судовите.

Европол исто така, предупреди дека групата Исламска држава (ИД) би можела да „посвети повеќе внимание“ на западните земји, отколку на Сирија и Ирак.

Агенција наведува дека ИД би можела да се обиде да влијае врз сириските бегалци во западните земји, кои би се радикализирале за кус временски рок, но и да испрати „нова генерација борци“ од Сирија и Ирак.