Балкан
8. August 2016 - 11:14

Европол алармира за засилени активности на трговите со луѓе во Грција

Европската полициска служба (Европол) ги предупреди властите во Грција за промена на начинот на дејствување на трговците со луѓе, кои се обидуваат да извлечат корист од илјадниците бегалци и мигранти, кои се блокирани, со тоа што им предлагаат да ги изнесат од земјата со фалсификувани документи, пишува весникот „Етнос“.

Весникот прецизира дека предупредувањето за постоење мрежи од трговци со луѓе, кои во последно време ги зајакнале своите активности било упатено неодамна од шефот на Европол. 

Во врска со тоа се споменуваат случаи на апсење на две жени од Иран со фалсификувани документи во градот Ханија на островот Крит при обид да замина од земјата со авион за Дизелдорф. Сличен инцидент бил регистриран и на островот Лезбос, каде властите задржале жена од Никарагва и маж од Либан, кои се обиделе со фалсификувани документи да влезат во земјата. Апсењата биле извршени и на островите Крит, Крф, Закинтос и Кос. 

- Во состојба на готовност сме, ги зајакнавме патролите со цел да ги спречиме бегалците и мигрантите да го напуштат островот, изјави за „Етнос“ претставник на грчката полиција. 

Трговците со луѓе ги зајакнале своите активности и по затворањето на импровизираниот камп во Идомени, при што се регистрирани зачестени обиди за незаконско минување на границата со Македонија. 

Податоците на Европол покажуваат дека европската полиција регистрирала околу 50 илјади лица осомничени за трговија со луѓе, при што листата во првите шест месеци од годината е зголемена за уште седум илјади. Осомничените лица се од над сто националности. 

Само минатата година заработката на мрежите на трговци со луѓе изнесува над пет милијарди евра, додава весникот.