Балкан
11. September 2018 - 13:25

Европарламентот го поздрави излегувањето на Грција од програмите за спас

- Европските пратеници на денешната пленарна дебата во Стразбур на која присуствуваше и грчкиот премиер Алексис Ципрас, го поздравија излегувањето на Грција од економските програми за спас и „напорите на грчкиот народ“ во овие осум години криза.

За разлика од последниот негов настап во Европарламентот, по доаѓањето на власт на Сириза, Ципрас овојпат не предизвика толкава поларизација. Во 2015 година повеќето традиционални политички групи во ЕУ, ја сметаа Сириза за популистичка и антиевропска партија, додека екстремистичките партии во Ципрас и тогашниот министер за финансии Јанис Варуфакис гледаа „херои на антиестаблишментот“.

Ципрас денеска доби пофалби од повеќето традиционални политички партии за начинот на кој ја водеше државата последните три години, за спроведувањето на структурните реформи и за санирањето на јавните финансии.

Но, Ципрас го повтори своето противење на неолибералните економски политики на ЕУ и предупреди против растечкиот популизам и ксенофобија, како и на отсуството на солидарност, кои ги оценим како закана за европскиот проект.

Шефот на европските либерали Ги Верхофштат, предупреди дека Европската Унија се уште не е доволно реформирана за да избегне нови големи кризи како грчката.

- Не сум толку ентузијаст, сметам дека двете страни имаат вина. Грција затоа што не се реформираше доволно брзо и длабоко, а Европа затоа што се фокусираше на чисто сметководствто наместо да бара длабоки реформи во грчката економија и општество. Вон грчката криза, прашањето е дали Грција е подготвена на следната криза, бидејќи таа ќе се случи, и дали ЕУ е подготвена за следната криза? Крајот на економскиот циклус е тука и прашањето е дали сме подготвени? Мојот одговор е не, рече Верхоштат.

Либералот ги поздрави промените кај Ципрас во однос на 2015, но му посочи дека промените во Грција се уште не се доволни и дека „стариот грчки систем“ сѐ уште е на место, дека пазарите не се отворени и дека приватниот сектор не е доволно развиен.

Поостри критики пристигнаа од демохристијанска Европска народна партија (ЕПП), чиј пратеник Естебан Гонзалез Понс, оцени дека говорот на Ципрас бил премногу фокусиран на неговите лични успеси, а не на напорите на грчките граѓани.

Тој додаде дека Владата на Ципрас изгубила „скапоцено време“ критикувајќи го европското семејство на почетокот на неговото владеење и „паѓајќи во најлошиот вид економски популизам“. Тој го предупреди грчкиот премиер да не паѓа повторно во популистичко искушение „кога ќе се врати во опозиција“.

- Вие сте променет човек господине Ципрас,но има уште многу пат за одење. Се уште не сме уверени во економксиот пакет, перспективите не се оптимистички и загрижени сме за темните тонови на клиентелизмот. Разберете дека сме загрижени за тоа и дека следните избори можат да значат ваше враќање во опозиција и враќање кон популизам на вашата партија, рече Гонзалез Понс, 

Социјалдемократите од своја страна го повикаа Ципрас да соработува со другите медитерански земји и со нив да изработи прогресивен план за иднината на Европа, економијата, социјалните стандарди и животната средина.

Ципрас ги поздрави критиките од европратениците и истакна дека е задоволен што предизвикал „вистински дијалог“.

Според грчкиот премиер, неговата Влада успеала да ги продлабочи економските реформи, а истовремено да ги заштити најкревките слоеви на населението.

- Покажавме дека можеме да ги спасиме работничките права, срцето на неолибералните политики смета дека преку уништувањето на работничките закони и услови ќе се постигне раст, ние веруваме во спротивното и ова е голема идеолошка разлика помеѓу прогресивците и неолибералните струи, порача Ципрас.