Loading Video...
Свет
13. December 2020 - 16:42

Европа воведува рестрикции околу Божиќ и Нова година, Србија размислува за враќање на ПЦР тестовите

Божиќните и новогодишни празници годинава ќе бидат во сенка на короната. Забавите, прославите по рестораните,  концертите, шопинзите, полните улици, патувањата, за повеќето Европјани ќе останат само како сеќавање на некои поубави времиња. Германската канцеларка најави затворање од 16-ти декември па се до 10-ти јануари, ќе бидат отворени само продавниците за основни потреби, аптеките, поштите, банките.  Во Божиќните денови ќе им биде дозоволено на поблиските членови на семејствата заедно да го прослават празникот, со препорака претходно да бидат изолирани седум дена. Забрането е консумирање на алкохол и храна на отворено. 

Франција со порелаксиран пристап. На граѓаните ќе им се дозволат патувања низ земјата, а полицијата нема да ги контролира празничните прослави, сепак ќе се воведе полициски час од од 21 до 6 часто наутро, кој нема да важи за Божиќ и Нова година. И таму ќе бидат затворени рестораните, но театрите и мисите ќе бидат отворени, со редуциран број верници.

Во Австрија во неделата пред Божиќ ќе се спроведе масовно бесплатно тестирање за ковид. За празниците ќе се се дозволи собирање до 10 лица, но строгите мерки на границите остануваат со ПЦР и карантин, поради што многу граѓани со потекло од балканските земји и Турција се откажаа од плановите празникот да го прослават во својата родна земја.

Србија исто така ги заострува  мерките на границите, со ПЦР тест за секој кој ќе влезе во земјата.

И во другите земји во регионот се најавени рестрикции, а во Грција и полициски час, но црквите сепак ќе останат отворени за празниците. Најостри мерки ќе спроведе Италија. За празниците сите граѓани ќе мора да останат во своите општини, посетата на роднини ќе биде забранета, а секое семејство ќе слави само. Ќе има полициски час. Најлабаво ке биде во Шведска. Продавниците и ски центрите  ќе останат отворени, со апел од Владата да не се злоупотребува славењето и да се избегнуваат патувањата, вечерите и пазарењето.