Loading Video...
Свет
26. July 2020 - 16:40

Европа ги заострува мерките за спречување на вирусот

Вонредна состојба во Северна Кореја. Лидерот Ким Јонг Џун се сомнева дека во неговата земја влегло едно лице, кое можеби е инфицирано со Ковид-19. Доколку се покаже точна информацијата, тоа ќе биде првиот случај на коронавирус во таа држава од почетокот на пандемијата до сега. Според севернокорејскиот лидер, ситуацијата во неговата земја е критична.

Инаку, Бразил веќе четврти ден по ред брои над 50.000 новоинфицирани од Ковид-19, а за само еден ден починале над 1.200 лица.

Италија стравува дека вториот бран ќе дојде во август, а не на есен, како што првично се проценуваше. Па, епидемиолозите апелираат на масовно тестирање на населението, особено затоа што просечната возраст на инфицираните кај нив е околу 40 години.

Каталонската Влада повторно ќе ги затвори ноќните клубови и кафулињата, поради брзорастечкиот број на новозаразени. Шпанија ја укина вонредната состојба пред околу еден месец, но сега епидемијата повторно зема замав, па дневно има по околу 1.000 нови случаи.

Заострување на превентивните мерки најавуваат и други европски држави. Германија размислува повторно да воведе задолжително тестирање на сите кои доаѓаат од области со висок ризик, а Франција ќе обезбеди бесплатни корона-тестови, со цел превенција од втор можен бран.

Балканот и натаму се смета за европско жариште. Црна Гора затвори голем број хотели, а откажани се и многу летови. Србија и Босна и Херцеговина дневно имаат по неколку стотици нови случаи.

Очекувањата се дека светот ќе добие вакцина за масовна употреба дури кон почетокот од идната година, после што се очекува животот да се врати во нормала.

До сега, бројот на инфицирани во светот надмина 16 милиони, а скоро 650.000 го загубија животот.