Македонија
17. January 2020 - 8:15

Европа апелира на донесување на законот за ЈО, власта вели дека опозицијата нема слух за тоа, а тие пак бараат преговори

Претседателот на Собранието Талат Џафери апелираше до партиите што побргу да ги приближат ставовите за Законот за Јавно обвинителство, еврокомесарот Оливер Вархеји порача дека треба да се даде приоритет на тој закон, додека пак шефот на дипломатијата Никола Димитров оцени дека тие што нема да гласаат и нема да учествуваат во таков закон не се чесени и искрени пред гласачите и пред граѓаните кога велат „сакам Европска Унија“.

Вархеји, при посетата во Скопје, изрази надеж дека сегашниот парламентарен состав ќе даде приоритет на новиот закон за ЈО, консатирајќи дека тоа ќе биде добар знак упатен до земјите-членки.

Франсоа Лефон, советник на вицепремиерот за европски прашања, во интервјуот за МИА, нагласи дека доколку сите политички партии се за членство во ЕУ како што велат, треба да се способни да се договорат околу реформите за да ѝ докажат на Европската комисија дека се посветени на доброто на земјата.

– Инаку, ќе видиме дека ова се само политички игри, и една од причините што не го добивме Законот за СЈО. Опозицијата не сакаше да му даде на мнозинството таков подарок пред изборите. Двотретинско мнозинство не беше можно. Ако партиите се посветени на европскиот пат, ќе сфатат дека овој момент е поважен од нивните политички игри, рече Лефон.

Димитров, во интервјуто за МИА, нагласи дека сега сме ставени на тест дали ќе може ова да го издигнеме вон изборниот контекст и во тој случај во март, како што рече, „можеби би можеле да прогласиме една заедничка победа и на владејачката партија и на опозицијата, на цел народ, на некој начин и на целото општество или ова ќе го направиме предмет на меѓупартиски препукувања“.

– Ако еврокомесарот, кој очигледно е наш сојузник и работи на таа агенда да го направиме конечно овој пробив во заслужената следна фаза, ако тој вели важно е ова да се донесе во сегашниот парламентарен состав, ќе се види дали сме само декларативни во заложбите и едноставно е. Кој нема да гласа и нема да учествува во таков закон, во кој се вградените сите забелешки и сугестии на ЕК, не е чесен и искрен пред гласачите и пред граѓаните кога вели сакам ЕУ, но не сакам да го правам тоа што ЕУ сугерира дека треба да се прави за да се успее, истакна министерот за надворешни работи.

Според пратеничката на СДСМ, Снежана Калеска Ванчева најголемата опозициска партија нема слух за Закон за обвинителство.

– Во овој момент не гледам дека се загрижени и дека би сакале да седнат да поработиме на оваа тема. Мислам дека тоа е особено од моментот кога се најавија изборите, едноставно целосно го тргнаа на страна, тоа е мојот впечаток се надевам дека грешам, би била пресреќна да грешам и да се откочи процесот, рече Калеска Ванчева.

Според неа, одговорноста доколку не се донесе законското решение е подеднаква и на власта и на опозицијата.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски пак посочи дека тие се на располагање на владејачката коалиција и смета дека преку конструктивни преговори ќе ги дадат и нивните предлози за донесување на законот.

– Сметаме дека би било добро да се донесе, стоиме на располагање на владината група на парламентарното мнозинство ДУИ и СДСМ за конструктивни преговори каде би ги дале нашите предлози на донесување на закон согласно стандардите на Венецијанската комисија. Но, треба да се направат приоритети доколку за владиното и парламентарното мнозинство поважен е Законот за трговија со сува марихуана, а не е толку важен Законот за обвинителство тогаш тешко дека ќе можеме нешто да направиме и да донесеме, рече Милошоски.

Законот за ЈО уште од јули минатата година е влезен во собраниска процедура.