Кошарка
10. February 2017 - 9:52

Eвролига: Значајна победа на Ефес

Драматични завршници на натпреварите во Истанбул и Тел Авив, убедливата победа на ЦСКА, односно победите на Панатинаикос и Реал го обележаа првиот ден од 22.коло во кошаркарската Евролига.
Макаби во текот на целиот натпревар имаше предност против Басконија, на моменти таа изнесуваше и 19 поени, но со лошата последна четвртина ја компромитираа победата. Басконија на 180 секунди до крајот успеа да израмни, а а откако во последните 30 секунди Макаби не реализира два напади, при резултат 85:84, играчите на Басконија имаа 15 секунди за последниот напад, но не успеаја да упатат удар кон кошот на Макаби.
 
Гаудлок со 21 и Ландсберг со 18 поени го предводеа Макаби до триумфот 85:84, односно до осмата сезонска победа, додека Басконија со скор 12/10 се наоѓа на седмото место.
 
Панатинаикос е петти на табелата во Евролигата со 13 победи и девет порази. Во 22.коло ПАО славеше над Бамберг 81:72, предводен од Синглтон (17 поени), односно Бурусус и Фелдин кои уфрлија по 16 кошеви.
Анадолу Ефес го доби трилерот против Армани Милано 90:86. Турскиот тим првото водство го имаше во последната минута 87:85, откако претходно имаше и негатива од 21 поен.
 
Ефес има половичен скор 11/11 и се наоѓа на осмото место, додека Армани го запиша 15-от пораз. Ертел со 17 и Ханикат со 16 поени беа најефикасни кај Ефес, додека крилниот играч на Армани Сандерс со 18 поени беше најефикасен на натпреварот.
 
ЦСКА убедливо ја совлада Црвена звезда 102:80, која по неверојатната серија од седум победи го забележа втроиот пораз во низа. Европскиот првак уште во првата четвртина ја најави победата, кога неговите играчи реализираа седум тројки од осум обиди. Де Коло со 25 и Курбанов со 18 поени беа најзаслужни за 16-та победа на ЦСКА.
 
Лидерот Реал (скор 17/5) со мали проблеми успешно го мина гостувањето во Казањ. Реал предводен од тинејџерот Лука Дончиќ (5 поени, 7 скокови, 11 асистенции) и Ентони Рендолф (19 поени) победи 81:77.