Кошарка
16. May 2016 - 8:30

Евролига: ЦСКА Москва европски шампион

Кошаркарите на ЦСКА Москва го освоија победничкиот трофеј во Евролигата по пауза од осум години. Тие синоќа во финалето на завршниот турнир во Берлин го победија Фенербахче по продолжение со 101:96.
 
Двете екипи одиграа натпревар со подеми и падови за на крајот од 40. минути резултатот да биде нерешен 83:83, па победникот да биде решен по дополнителни пет минути. А, се можеше да биде поинаку доколку Фенербахче го одбранеше последниот напад на рускиот шампион кој на полувреме имаше плус дваесет (50:30), по 30.минути 16 позитива (69:53) но на крајот мораше да се спасува со кош на две секунди до звукот на сирената. Второто полувреме турскиот тим го доби со 53:33.
 
Предводници до победата на московјаните беа Нандо де Коло со 22 и најкорисниот играч во финалето, Милош Теодосиќ со 19 поени.
 
Добар настап во поразениот тим имаше македонскиот кошаркар Перо Антиќ со 16 поени, исто колку и Екпе Удох и Луиџи Датоме. Најефикасен беше Боби Диксон со 17 поени.
 
За ЦСКА Москва ова беше седма титула шампион на Европа, додека Фенербахче и натаму е без трофеј во елитното натпреварување.
Во дуелот за 3.место Локомотив Кубан ја победи екипата на Лаборал со 85:75.