Македонија
27. May 2018 - 16:17

Евроинтеграциите на Западен Балкан - перспектива без јасна динамика

Новите власти ги очекува огромна работа на реформите како и умешност за градење компромис, затоа што кога ќе бидеме дел од Европската Унија, постојано ќе бидеме изложени на изнаоѓање постојани компромиси, што е и базата на која секојдневно функционира Европа. Ова за Македонската информативна агенција го вели францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние, кој потсетува дека досегашниот историјат на ЕУ е историјат на градење  и голема неопходност од обединување околу заеднички опасности.

Денес на таа лекција постојано не потсетува претседателот Макрон, затоа што не можеме да бидеме задоволни од Европа таква каква што е денес.

Тоа значи дека ќе треба да подадеме рака на оние што доаѓаат кај нас, иако нивниот пат не е воопшто лесен, оти сосема е јасно дека бараме многу.

Бараме многу и од нас самите, затоа што реформите кои во моментот се спроведуваат во Франција создаваат тензии.

Во однос на евроинтегративниот пат на Македонија, пак, вицепремиерот за европски прашања Бујар Осмни смета дека со последниот извештај на Европската Комисија, Македонија стана прва во регионот и по исполнување на политичките критериуми, на економските критериуми но и по хармонизацијата на законодавството, а јасноста на европската перспектива, како што вели, е единствениот двигател за трансформација на општеството.

Османи е дециден дека процесот на евроинтеграција го правиме за наше добро, но тоа што е важно е дека европскиот дух, европските цели, европската перспектива стана единствен двигател, единствено гориво за трансформација на општеството.

Затоа членството на Македонија во Европската Унија е вин-вин ситуација и за нас и за Унијата. Тоа е природен процес, затоа што и географски и исторуиски и културно и во системот на вредности сме тука и сме дел од Европа, но сфаќаме дека за членство во ЕУ треба да се смениме и покажуваме дека тоа го правиме

Деновиве во јавноста циркулира „нон-пејпер“, односно неофицијален документ, изработен од Франција и Холандија, во кој овие две земји се изјаснуваат против старт на преговори со Македонија и со Албанија. Двете земји се познати по отпорот на нивната јавност кон натамошното проширување на Унијата. Сепак, повеќето земји членки, меѓу кои и Германија, отворено се залагаат за старт на преговори со Македонија, доколку се реши спорот за името со Грција.