Кошарка
14. September 2015 - 8:19

Евробаскет: Литванија последна се пласира во четвртфиналето

Репрезентацијата на Литванија со победата од 85:81 над Грузија синоќа во осминафиналето на Евробаскетот како последна избори пласман во четвртфиналето. Ова воедно беше резултатски најнеизвесното осминафинале. Двете селекции во водство се менуваа осум пати. Грузија највисоката разлика ја имаше во 15.минута (33:24), додека Литванија во 39.минута водеше 79:71. Со триумфот Литванија избори натпревар против Италија.
Најдобар играч на дуелот беше Јонас Мачиулис, кој постигна 34 поени со погодени 11 од 13 удари од игра и 9 од 9 од линијата за слободни фрлања. Притоа во клучни моменти успеа да украде вкупно 4 топки на ривалот.
 
На другите осминафинални натпревари одиграни вчера беа постигнати следниве резултати: Хрватска – Чешка 59:80, Србија – Финска 94:81 и Италија – Израел 82:52. Резултати од саботните натпревари: Летонија – Словенија 73:66, Грција – Белгија 75:54, Шпанија – Полска 80:66 и Франција – Турција 76:53.
 
Во четвртфиналето во вторник ќе играат: Шпанија – Грција (почеток 18:30 часот) и Франција – Летонија (почеток 21 часот). Во среда четвртфиналните двојки се: Србија – Чешка (почеток 18:30 часот) и Литванија – Италија (почеток 21 часот).