Македонија
12. September 2017 - 16:15

Евробарометар: Правниот систем со наголема недоверба кај граѓаните

Граѓаните во Македонија со најмала доверба во полицијата, од сите земји членки и кандидати за членство во ЕУ. Истражувањето на Евробарометар покажало дека дури 61 процент од граѓаните не и веруваат на полицијата, а доверба во сината униформа има кај само 34 проценти од грa ѓаните. Поразителен е и податокот дека расте недовербата. Во споредба со есента 2016, пролета 2017 дополнителни 7 отстои од популацијата ја загубиле довербата кај полициските служебеници. Дека граѓаните се незадоволни од полицијата потврдува и податокот дека за само три месеци во секторот за внатрешна контрола во МВР биле поднесени 189 претставки од граѓаните за непрофесионалано постапување на полицијата.

-Вкупно 127 полициски службеници постапиле спротивно на правилата и прописите, против 91 е поведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, од кои на 10 им е изречена мерка суспензија. Поднесени се пет кривични пријави, четири за слоупотреба на службена должност и една за несовесно работење во службата, вели Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

Поголем дел од односно седумдесет проценти од граѓаните во Македонија не му веруваат на правниот систем, покажуваат резултатите од истражувањето на Евробарометар. Во правосудството веруваат само 23 проценти од граѓаните, но има земји во ЕУ како Бугарија во кои довербата во правниот систем е уште помала, а во Словенија идентична како кај нас.

Армијата на Република Македонија е единствената во која веруваат над 50 проценти од граѓаните, но и таа бележи пад во споредба со есента минатата година од два процентни поени.

Најголема недоверба граѓаните во Македонија имаат во политичките партии. Истраувањето на Евробарометар покажало дека 76 отсто од граѓаните не им веруваат на партиите, а довербата ја имаат кај само 15 отсто од популацијата.

Во ЕУ исто како и во ОН веруваат 53 отсто од жителите на Македонија, што и најголем процент на доверба која ја имаат граѓаните кон било која останата инстутција во земјава или меѓународна. Истражувањето на Евробарометар е реализирано од 21 до 30 мај годинава.