Македонија
20. February 2017 - 15:04

Евроамбасадорот Жбогар во посета на Струмица

Евроамбасадорот Самоел Жбогар денеска ја посети Општина Струмица во рамки на проектот „ЕУ за тебе" со акцент на заштитата на животната средина. Заедно со вршителот на должноста градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов  ја посетија пречистителната станица за третман на отпадни води, еден од најкрупните проекти финансирани од ЕУ со повеќе од пет милиони евра.

- ЕУ и Струмица имаат долгогодишна успешна соработка. Денес слушнав дека заштитата на животната средина е во фокусот на работата на општината преку гасификацијата, промоцијата на фотоволтаични системи и ред други обновливи извори на енергија. Со изградбата на пречистителната станица ќе се исчисти и реката Струмица, а се запознав дека општината се грижи и за речното корито на друга река и за изградба на депонија, рече Жбогар.

Очекува реализацијата на овие проекти да видат охрабрување за понатамошна соработка и реализација на нови проекти.

Костадинов, рече дека во моментов во Струмица се реализираат два крупни проекти за заштита на животната средина.

- Изградбата на пречистителната станица и изградбата на канализациона мрежа за населените места Просениково, Дабиле и Добрејци се два големи проекти кои ги реализираме во моментов со финансиска помош од ЕУ. Во последните 10 години преку КАРДС и ИПА програмата Струмица има искористено 12 милиони евра пари на Унијата за реализација на 13 проекти. Со учество на општината со буџетски средства вредноста на овие проекти е многу поголема, рече Костадинов.

На новинарско прашање за мандатот на СЈО, евроамбасадорот Жбогар рече дека нивниот став е како и досега.

- Мислам дека нашата позиција е иста како на почетокот. Специјалното јавно обвинителство беше формирано со една цел, а тоа е да одреди законска одговорност која произлегува од скандалот на прислушуваните материјали и затоа на СЈО треба да им биде даден простор и време да финализираат, рече Жбогар.

Ново на Сител