Бизнис
15. July 2016 - 15:39

ЕВН Македонија: Внимателно со земјоделските активности под далноводите

ЕВН Македонија апелира земјоделците внимателно да ракуваат со земјоделската механизација и опремата во близина на далноводите од дистрибутивната мрежа.

Посебно внимателни треба да бидат додека ракуваат со опремата за наводнување. 

- Извршување на земјоделски активности под електричните водови треба да се избегнува, односно да се ограничи само на оние кои мора да бидат изведувани и во таков случај задолжително треба да се преземат мерки за безбедност. Mеталната опрема како што се цевки за наводнување и разни видови прскалки, во никој случај не смее да дојде во директен допир или да се приближува до проводниците од надземните водови. Не смее да се поставуваaт метални цевки за наводнување паралелно со трасата на надземниот вод и при наводнување, задолжително да се избегнува приближување и контакт на водениот млаз со надземните водови. Особено да се обрне внимание и на силината и правецот на ветерот, нагласува ЕВН Македонија.

Како што наведува во соопштенито, во близина на електричните водови, цевките за наводнување во никој случај не смеат да се поставуваат вертикално, ниту при нивно празнење, ниту при транспортот. Транспортот на останатата опрема за наводнување мора да биде исклучиво во хоризонтална положба.

- Причина за најголем број од сите фатални несреќи со електрична енергија во земјоделството е допирот со надземните електрични водови. За да се избегнат ваквите несреќи, ЕВН Македонија за мерките на претпазливост ги информираше локалните самоуправи, надлежните институции и преку медиумите своите корисници и сите граѓани. Стручните лица постојано ќе бидат на располагање, во врска со сите отворени прашања, за безбедно изведување на активности во близина на електрични водови, информира ЕВН Македонија.