Бизнис
22. September 2016 - 15:27

ЕВН Македонија: Инвестирани 300 милиони евра во дистрибутивна мрежа

ЕВН Македонија изминатите десет години  инвестираше околу 300 милиони евра во модернизација, развој и реконструкција на постојната и изградба на нова дистрибутивна мрежа, на сите напонски нивоа, изјави Штефан Петер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија ад Скопје, која одбележува 10 години од работењето на македонскиот пазар. 

Петер нагласува дека е воведен центар за грижа на корисници, достапен 24/7 секој ден во годината, кој во текот на изминатите 10 години реализирал четири милиони контакти.

- Со години, со особено внимание ја прифаќаме општествената одговорност и сме многу горди на тоа што во соработка со различни национални институции и невладини организации имаме воспоставено широко распространета и одржлива мрежа. За оваа посветеност говорат 13-те награди за општествено одговорна компанија. Со тоа, сметаме дека сме нераскинлив дел од македонското општество и ќе продолжиме и во иднина, преку сите наши активности, да создаваме услови за развој на секој сегмент, за нашето заедничко добро, изјави Петер.

Од компанијата истакнуваат дека во изминатата деценија врвен приоритет било создавање сигурен и стабилен дистрибутивен систем и сигурност во снабдувањето со електрична енергија.  Трансформацијата на електроенергетскиот систем во Република Македонија е тесно поврзана со влезот на ЕВН групацијата во Македонија. 

- Процесот на инвестиции во обновливите извори на енергија овозможи модернизација и зголемување на капацитетот на 11 мали хидроцентрали. На високонапонско ниво изградени се пет нови високонапонски трафостаници и надземни водови, односно мрежа во должина од 50 километри. Новоизградената вискоконапонска подземна мрежа, пак, е во должина од 105 километри, додека новата среднонапонска изнесува 2.800 километри. Со овие инвестиции се подобри квалитетот и сигурноста во снабдувањето, се вели во соопштението.

Дополнително, посочува компанијата, во среднонапонската мрежа се изградени 1.050 нови дистрибутивни трафостаници и среднонапонска надземна мрежа во должина од 950 километри. Новата изградена нисконапонска мрежа е во должина од 1.700 километри. Сменети се 850.000 стари броила, со нови автоматизирани броила.  Тие инвестиции, според ЕВН Македонија, придонеле за значително намалување на техничките загуби на електрична енергија, со што е подобрена енергетската ефикасност во системот. Континуираните инвестиции во развој на дистрибутивната мрежа на сите напонски нивоа, пак, смета компанијата, дале соодветен одговор на потребите на бизнис секторот во насока на остварување на економски развој на Република Македонија.

- Согласно изработениот Мастерплан на ЕВН Македонија, во идните години предвидена е реализација на проекти за континуирано подигнување на квалитетот на дистрибутивната мрежа на целата територија на Република Македонија за што ќе се инвестираат 700 милиони евра. Целта е јасна, и во иднина со континуирани инвестиции и имплементирање на новите  техноилогии да се гарантира безбедно, сигурно и квалитетно снабдување со електрична енергија, се вели во соопштението од ЕВН Македонија.