Свет
26. August 2020 - 13:48

Евакуација на повеќе од половина милион луѓе во САД поради ураганот Лора

На повеќе од половина милион жители на американскиот брег во Мексиканскиот залив им е наредено да се евакуираат поради ураганот Лора што може да ги погоди Тексас и Луизијана.

Ураганот, проследен со силен ветер, се очекува да предизвика поплави и големи бранови.

Повеќе од 385.000 луѓе треба да бидат евакуирани од градовите Бомонт, Галвестон и Порт Артур во Тексас, а наложена е евакуација и на 200.000 жители од пониските области во југозападна Луизијана, каде бранови високи речиси четири метри би можеле да поплават цели места.

Националниот центар за урагани предвидува дека Лора, поради топлата вода во заливот, ќе се засили во ураган од трета категорија пред да удри во копното, со ветрови од 185 километри на час, што може да предизвика катастрофална штета.

– Силниот ураган ќе го погоди копното во среда во доцните часови или рано во четврток, рече Ед Рапапорт, заменик директор на Националниот центар за урагани.

Ураганот Лора помина покрај Куба, откако најмалку 20 лица загинаа во Доминиканската Република и тројца на Хаити, каде што доведе до прекини на електричната енергија и поплави.