Бизнис
12. October 2018 - 20:39

Еуростат: Во Македонија просечниот работен век е 32 години

Македонците треба да имаат работен век од 36 години, но работат само 32, покажуваат податоците од анализите на Еуростат.

Сличен работен век имаат и земјите во регионот. Во Бугарија, Грција, Романија и Хрватска тој изнесува 33 години. Црна Гора е на исто ниво како и Македонија. На Балканот отскокнува Словенија, каде што работниците работат во просек по 36 години.

Најкус просечен работен век во Европа има во Турција, каде тој изнесува 29, а најдолг во Исланд, каде се работи по 47 години.

Во земјите членки на Европската унија, пак, просечниот работен век е 36 години. Што е за три повеќе од податоците од 2000. година, и тоа од 32 години во Италија, до 42 во Шведска. 

Индикаторот за должината на работниот век, според Еуростат, покажува колку едно лице кое е во моментов 15-годишно, ќе биде активно на пазарот на труд за време на неговиот живот.

Во однос на 2000. година, во Македонија очекуваниот работен век се зголемил нешто повеќе од една година. Најмногу се зголемил во Унгарија и Малта – за шест години, додека во Романија тој се намалил за три.