Македонија
13. August 2018 - 16:41

Еуростат: Секое осмо дете во Македонија е родено во вонбрачна заедница

Секое осмо дете во Македонија е вонбрачно, покажува последниот извештај на Европскиот статистички систем, што е за три ипол пати помалку од просекот во ЕУ. Според податоците на Еуростат, околу 12 проценти од вкупниот број на живородени деца во Македонија во 2016 година се родени надвор од брачна заедница, додека во Европската унија просекот изнесува 43 проценти.

Со 9,4%, Грција е лидер во регионот со најниска стапка на вонбрачно родени деца, по што сжледуваа Хрватска со 19, Србија со 26, Косово со 41,6 и Бугарија со алармантни 58,6 %.

Промената на семејните вредности која полека го зафаќа целиот европски континент, односно растот на бројот на вонбрачни врски и двојки, но и самостојни родители се манифестира и преку споредба на податоците од изминатите децении. Од 2000 година досега, постепено се бележи раст од околу еден процентен поен на годишно ниво, на вонбрачно родени деца.

Во осум земји членки на ЕУ во 2016 година, има повеќе живородени деца надвор од брачна заедница, покажуваат податоците на Еуростат.

Лидер на оваа листа е Франција со 60%, Бугарија и Словенија се со процент помалку, по што слчедуваат Естонија, Шведска, Данска, Португалија и Холандија.

Наспроти ова, во Грција, Хрватска и Кипар над 80 проценти од живородените деца се регистрирани во брачна заедница.

Меѓу 2015 и 2016 година бројот на родени деца надвор од брак бележи раст во речиси секоја земја членка на ЕУ, со исклучок на Естонија, Италија, Литванија, Летонија, Унгарија и Велика Британија.

Во Швајцарција и Лихтенштајн процентот на живородени деца надвор од брак во 2016 година е под 25 проценти, споредено со Норвешка со 56 отсто и Исланд со 70 проценти.