Балкан
23. March 2023 - 13:48

Еуроњуз Србија: Почнува Самитот на ЕУ – на маса е договорот меѓу Белград и Приштина од Охрид

Во Брисел почнува дводневниот Самит на ЕУ, а една од темите на разговор меѓу европските претставници ќе биде и разговорот во Охрид меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ, косовскиот премиер Албин Курти и европските посредници. Се очекува да биде донесен заклучок во кој двете страни се повикуваат „брзо и со добра волја“ да ги исполнат своите обврски, соопшти од Брисел Еуроњуз Србија.

Нацрт-заклучоците се подготвени од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во тесна соработка со членот на Европскиот совет кој ја претставува земјата-членка која претседава со Советот на шест месеци и со претседателот на Европската комисија.

-Европскиот совет го поздравува постигнатиот договор во дијалогот под покровителство на ЕУ за Имплементацискиот анекс на Договорот за патот кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија и ги повикува двете страни брзо и со добра волја да ги спроведат своите обврски, се вели во нацрт-заклучоците од самитот на ЕУ.

Во документот, кој има 27 точки, точката 25 е посветена на дијалогот меѓу Белград и Приштина, во делот што се однесува на „Други прашања“, а е посветен на надворешните односи на ЕУ.

Како што јави Еуроњуз Србија од Брисел, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, ќе ги извести лидерите на земјите-членки за тоа како поминале разговорите.

Борел во изминатите неколку дена ги извести министрите за надворешни работи на земјите членки за дијалогот, а она што може да се слушне во Брисел е дека отсега приоритет ќе биде да се инсистира на имплементација на договореното, што е извесно по овој совет, и тоа од Белград и Приштина нема да го бараат само лидерите на ЕУ, туку и сите лидери на земјите-членки. На овој начин уште поцврсто ќе се инсистира Белград и Приштина веднаш да почнат да го исполнуваат договореното.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, во интервју за Еуроњуз Србија, специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог, Мирослав Лајчак, истакна дека не постои точен редослед по кој ќе се исполнат обврските од договорот, но дека секако е важно да се тргне со имплементација чекор по чекор.