Македонија
16. March 2018 - 15:25

ЕуроНикел: Почна исплатата на доверителите во ФЕНИ Индустри

Повеќе од 100 доверители на ФЕНИ Индустри се во процес на исплата, договорите се потпишани и веќе се направени првите исплати, а последните преостанати доверители се во процес на поднесување на нивните барања до ЕуроНикел, велат од компанијата која стопанисува со комбинатот.

- Откако ЕуроНикел ги рестартираше производните капацитети и успешно започна со производството во фабриката, сега презема стратешки, долгорочни, инвестициски чекори за стабилноста, растот и развојот на компанијата. Со ова, ЕуроНикел продолжува на патот кон побрз излез на ФЕНИ од стечајот преку организирано реструктуирање, порачуваат од ЕуроНикел.

Македонски директор на ЕуроНикел Герасим Кујунџиев е задоволен што го потпишале договорот со банките и другите доверители, со што, како што посочува, се потврдува нивната посветеност и сериозни и долгорочни планови како инвеститор во комбинатот.

- Досега подготвивме повеќе од сто договори со доверителите, а со останатите секојдневно сме во комуникација, со цел да ги забрзаме нивните исплати. Нашиот главен приоритет е комплетирање на побарувањата на кредиторите и излезот на ФЕНИ од стечајниот процес, изјави Кујунџиев.

Целта на ГСОЛ и ЕуроНикел, порачува Маркос Камхис, директор на ГСОЛ, матичната компанија на ЕуроНикел, е да се искористат сите знаења и експертиза, што ги поседуваат како признаен и искусен инвеститор во металната индустрија, како и со финансиските ресурси и оперативниот капацитет, да го потврдат статусот на ФЕНИ како стратешки производител во земјата и како лидер во индустријата на фероникел во Европа и пошироко.