Loading Video...
Ракомет
1. December 2020 - 14:22

Еурофарм Пелистер на гости кај Тримо Требње ќе атакува на првата победа во Европската лига

Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечерва ќе го играат четвртиот натпревар во ЕХФ Европската Лига 
 
 
Противник на битолскиот тим е словенечки Тримо Требње, тим кој во досегашниот дел од Лига Европа има одиграно само еден натпревар и тоа против романската Татабања која ја победи на гостински терен со 28-26. 
 
Од друга страна битолскиот тим  засега нема победа, а на трите натпревари одвои само еден бод и тоа во Битола против  Кадетен Шафхаузен, додека на гостувањата во Данска и Германија загуби од ГОГ Гудме и Рајн Некар Левен. 
 
Дуелот против вечерашниот противник доаѓа се чини во вистински момент, во желбата да се стигне до првиот успех. 
 
- Треба да се очекува сега Еурофарм Пелистер да игра добро во текот на целиот натпревар, а не само едно полувреме. Паднавме во вториот дел и на првиот и на вториот натпревар. Недостатокот на натпревари нè  чини два бода. Против Шафхаузен тоа ни се повтори, скоро цел тим излезе од карантин непосредно пред натпреварот и се виде таа слабост. После карантин тешко се игра. Против Рајн Некар Левен исто така бевме солидни во првиот дел, но потоа паднавме во продолжението. Убеден сум дека во Словенија ќе дадеме максимум во текот на целиот натпревар. Тримо Требње е компактна екипа, брзиот противнапад ја краси екипата. Играат многу брзо, скандинавски, баш како ГОГ Гудме. Спремивме тактика за нивната брза игра и се надевам дека ќе ги онеспособиме во тој противнапад, вели голманот на битолчани Благојче
 
На овој меч тренерот Жељко Бабиќ не ќе може да смета на Дејан Кукуловски,  Елмир Граџан и Милан Ѓуѓиќ, но и без нив „фармацевтите“ ќе се обидат да се радуваат. 
 
Вечерашниот натпревар меѓу Тримо Требње и Еурофарм Пелистер што ќе се игра во Љубљана ќе започне од 20:45 часот.